Годинава ќе нема „Златен гонг“ - само по третпат во 50-годишната историја!

Управниот одбор (УО) на Боксерската федерација на Македонија (БФМ), донесе одлука да го одложи одржувањето на „Златен Гонг 2020“ поради глобалната пандемија со коронавирусот.

Плановите беа и говинава, традиционално во ноември, да се одржи јубилејното 50. издание на „Златен Гонг“, но поради проблемите со Ковид-19 не може достојно да се организира еден ваков традиционален настан. Поради тоа, предводниците на македонскиот бокс се решија за најнепопуларното решение.

„Нашата цел беше оваа години да го организираме 'Златен Гонг' достојно, со квалитетни боксери од Европа и светот, согласно 50-годишниот јубилеј. Невозможно е во ваква ситуација на светска пандемија да се организира ваков важен настан, па, за жал принудени сме да го одложиме за следната година. Сметам дека ова е исправна одлука, односно дека оваа спортска манифестација заслужува организација и квалитет за јубилејот на највисоко ниво“, изјави претседателот на БФМ, Примислав Димовски.

Низ историјата од разни причини „Златен Гонг“ не се одржал двапати и тоа во 1988 и 1997 година, а ова е прв случај во богатата историја, традиционалниот спортски настан да се одложи поради пандемија од светски размери.