„Летањето орли“ скапо ќе ја чини: Ислами пред суспензија од 12 месеци?! (ФОТО)

Бурна реакција во јавноста предизвика вчерашниот текст за македонската атлетичарка Дрита Ислами и нејзиното фотографирање со покажување на албански иредентистички симбол за време на престојот на Европското првенство (ЕП) во Берлин, потег кој воедно може и ептен скапо да ја чини.

Според правилникот за Дисциплинска одговорност на Атлетската федерација на Македонија (АФМ), „неспортското и недолично однесување и нанесување штета на угледот на нашата земја, на подготовки или натпревари во земјата и во странство, натпреварувањето ќе се казни со опомена или забрана на настап до 12 месеци“. Ова се вели во член 8 од овој акт на АФМ, а сега останува да се види како ќе биде окарактеризирано „летањето орли“ на атлетичарката која на континенталниот шампионат се пласира убедливо на последното место во квалификациите на 400 метри со пречки.

Воедно, Етичкиот кодекс на АФМ забранува „движење надвор од официјалниот хотел и спортски терен освен кога станува збор за организирано излегување во кое учествуваат сите членови на репрезентацијата“. Ислами само еден ден по дебаклот на тартанот, каде што беше единствена што ја надмина границата од една минута, на социјалните мрежи објави фотографија како покажува албански симбол среде Берлин и тоа додека е во улога на претставничка на Македонија, која ја пријави и ѝ го финансира патот и престојот во Германија.

Обидите да дојдеме до коментар од некој од челниците на АФМ, за да ги прашаме дали планираат да поведат дисциплинска постапка против Ислами, засега ни се безуспешни.