Репрезентативецот Крстевски од Австрија се сели во Романија

Македонскиот ракометен репрезентативец, Горан Крстевски, најде нов ангажман за претстојната сезона. Од австриски Линц, ќе премине во Романија, во тимот на Фокшани.

Клубот го објави ангажманот на 24-годишниот македонски ракометар, кој игра на позициите среден и лев бек. Крстевски помина само една сезона во Линц, кој беше прв негов клуб во странство, а сега доаѓа во романското првенство, во кое во минативе неколку сезони настапуваа повеќе Македонци.

„Го одбрав Фокшни, затоа што слушнав добри зборови за клубот. Сакам со Фокшани да стигнеме во плејофот на Романија. Ќе ми биде задоволство да играм за така добар клуб и се надевам ќе дадам придонес во неговата игра“, изјавил Крстевски при потпишувањето на договорот, кој има траење од две сезони.

Крстевски е „дете“ на Металург, член на успешната 1996 генерација, која во 2018 година заврши шеста на младинското СП во Тунис. Пред да замине во Линц, помина две сезони во Еурофарм работник, а во меѓувреме беше дел од репрезентативната делегација и на СП во Минхен во 2019 и на ЕП во Виена во 2020, иако без голема минутажа.