Короната ги спаси Томовски и Лудвигсхафен, Кил е шампион!

За разлика од фудбалската, ракометната Бундеслига пресече и уште сега прогласи крај на сезоната. Најмногу профитира Кил, кој е прогласен за шампион, но и Лудвигсхафен, тимот во кој настапува македонскиот репрезентативен голман, Мартин Томовски.

Бундеслигата ја прекина сезоната, земајќи го за конечен пласманот кој е во моментов актуелен. Тоа значи дека Кил е шампион, затоа што водеше на табелата со 44 бода, два повеќе од Фленсбург и тоа со еден натпревар помалку. Кил и Фленсбург ќе играат во Лигата на шампионите, која, патем, ќе има нов формат, со 16 екипи, а во новоформираната Европска лига ќе се натпреваруваат Рајн-Некар, како и актуелниот и идниот клуб на Филип Кузмановски, Магдебург и Хановер.

Целата ситуација ептен му одговара на Мартин Томовски и на неговиот Лудвигсхафен, кој паузата го затекна на претпоследното место. Предвремениот крај значи дека никој нема да испаѓа и дека Лудвигсхафен ќе продолжи во најсилната европска лига и следната сезона. Како и во многу други лиги, идната сезона ќе првите две екипи од Втора лига, Кобург и Есен, ќе влезат во Бундеслигата, па таа вонредно ќе брои 20, наместо 18 екипи.

Пред време завршија ракометните сезони и во Франција, во Полска, во Словенија. Во Унгарија беше поништена, а во Македонија се чека РФМ да го усвои предлогот, кој го елаборира во четвртокот, за поништена сезона и поширока Суперлига во 2020/21.