Данците испишаа историја: Третпат по ред светски прваци во ракомет!

Актуелниот светски шампион, Данска, го обнови владението на планетарниот ракометен трон остварувајќи нешто незамисливо досега во историјата на овој спорт. Третпат едноподруго Данците го освоија светското злато, овој пат со триумф во финалето над Франција, со 34-29.

Еднаш можеби е среќа, вторпат коинциденција, но третпат - доминација. Селекцијата предводена од Николај Јакобсен водеше буквално цел натпревар. Почна со атомско темпо, кое Франција имаше проблем да го следи. Раното водство на Данска достигна четири разлика (3-7), а маестрални во нападот беа бековите, пред се Гидсел и Питлик. Поведоа и со максимални 12-7, но за очекување беше прочуената француска одбрана кога-тогаш, да покаже некој ефект.

Водството се скрати, па на пауза Данска сочува само плус еден, 16-15. Питлик го заврши првиот дел со шест гола, Гидсел додаде четири, а се истакна и Ландин на голот, нешто што му недостигаше на францускиот тим.

Гијом Жил ги менуваше Жерар и Дебоне на голот, второто полувреме повторно го почна поискусниот, но освен привремено, краткотрајно реми (17-17), Франција постојано каскаше зад Данска. До израз дојде и тактиката на Јакобсен и ротацијата на мега-квалитетната клупа. Ветаранот Микел Хансен, на пример, не влезе воопшто во вториот дел, но затоа Лауге Шмид беше џокерот со фантастична соло претстава.

Мечот го заврши со 10 гола од 11 обиди и повлече кога разврската влезе во критична фаза. И Менсах Ларсен даде важни голови во вистински момент за Данска да ја спречи Франција да го направи оној препознатлив, завршен налет. Наместо тоа ја држеше на три-четири разлика, а конечните пет се највисокото водство на мечот. Покрај Шмид, Питлик се истакна со девет гола, Гидсел застана на шест, а кај Французите, Ремили постигна шест, а Мем - пет. Натпреварот одлично го судеше македонската двојка Ѓорѓи Начевски - Славе Николов.

Ова е трета светска титула за Данска во шестото финале и првпат некоја репрезентација да освои три мундијали едноподруго. Французите го освоија второто сребро во осмото финале и со 12. трофеј од светските првенства се изедначи со Шведска, како најдекорирана нација.