Ракометарките веруваат во „невозможната мисија“ против Романија

Поминаа девет години од последното учество на Македонија на едно Европско првенство и дури 14 од Мундијалот во Франција, па желбата за враќање на големата сцена е голема кај црвено-жолтите ракометарки. Шансата за да ја исполнат оваа мисија за која многумина веруваат дека е невозможна се укажува денеска (17 ч.) во првиот натпревар од лпејофот со Романија.

Не мора да се трошат зборови за да се објасни важноста на романија во женскиот ракомет во последнава деценија. Во 2015 година го достигнаа врвот со бронзата на Светското првенство во Данска, а постојано се дел од елитата и репрезентативно и клупски.

Една од главните причини за тоа е Кристина Неагу, уникатен производ на романската школа за ракометарки, која четири пати беше прогласувана за најдобра на светот од 2010 до 2018 година. И вечерва, на паркетот во Букурешт ќе ја предводи својата репрезентација, заедно со уште неколку имиња кои значат нешто во Лигата на шампионите и во Европската лига.

На спротивната страна, Симе Симовски ја има најсилната можна репрезентација во моментов, со Сара Ристовска и Елена Ѓорѓиевска како предводнички. Поради повреди и вирусот, левата страна од нападот беше проблематична, но Симона Стојковска се приклучи во последен момент, па ќе помогне репрезентацијата да биде многу слична на онаа во март, која со три победи (Исланд, Литванија и Грција) ги мина претквалификациите.

Потребен е добар резултат, макар поднослив пораз, за да може опстојат шансите и за реваншот во Скопје, в среда.