Нов „гаф“ на СП во Египет: Ракометарите сместени со други гости во хотел!

Уште во првите денови од Светското ракометно првенство во Египет стигаат поплаки од организаторот, како за протоколите и безбедноста поврзана со коронавирусот, така и за генералната организација.

Откако се пожалија неколку звучни имиња на европскиот ракомет, стигна глас и од македонската репрезентација. Ајде тоа што успеале да се сместат во хотелот дури синоќа по полноќ е дел од протоколот за тестирање за Ковид. Меѓутоа, кога осамнало утрото дошле до сознание дека хотелот во којшто се сместени не е баш некој „меур“, како што најавуваше организаторот. Имало и други, обични гости, кои не може да бидат одделени од ракомеарите, затоа од нашиот табор велат дека внимаваат на движењата низ хотелот.

Проблематично било и патувањето за тренинг. Тој бил закажан за утрово во 10 часот и траел 50 минути, арно ама патувањето до салата и назад - вкупно четири часа! Се разбира, најголем дел од овие работи ќе ги прифатиме со утехата „како за сите така и за нас“, меѓутоа останува впечатокот и фактот дека организацијата во Каиро, засега, е на ниско ниво.

Прашање е како ќе продолжи праксата со гледачи во салата, откако на вчерашниот дуел Египет - Чиле имало неколку стотици на трибините.