Младинките загубија од Холандија, сега им треба убедлив триумф над Косово!

Ракометната младинска женска репрезентација на Македонија, по голема борба, загуби во вечерашната пресметка против фаворизираната Холандија (25-29), но и покрај тоа остана во игра за второто место во групата што носи пласман во полуфиналето на ЕХФ-шампионатот во Скопје.

Жолто-црвените играа добро во поголемиот дел од мечот, имаа дури и плус пет (9-4), а беа во водство сѐ до 45. минута од натпреварот (21-20). Но, тогаш до израз дојде поголемото искуство на противничките, кои со серија 5-0 дојдоа клучното водство (28-23), кое ги одведе до третиот триумф на турнирот. Ана Марија Коларовска со седум голови со едно промашување беше најпрецизна во нашиот тим, додека Ангела Јанкуловска и Сара Миновска постигнаа по шест погодоци.

Сега за пласман меѓу четирите најдобри на ЕХФ-шампионатот на македонските ракометарки на возраст до 19 години им е потребна победа во последниот меч против Косово и тоа со што е можно поголема разлика, како и пораз на Фарски острови во дуелот со Холандија, по можност исто така со голема разлика. Во случај на наш триумф, а пораз на островјаните, за второто место во групата ќе решава вкупната гол-разлика со оглед на ремито одиграни во дуелот на овие две селекции.