Брестовац: Нема да бидам скромен, нема да се предадеме со Шведска!

До пред два дена некој од ракометарите, можеби планираше што ќе прави следниов викенд, но денеска се наоѓа на неколку часа до натпреварот со Шведска, прв за Македонија на Светското првенство во Египет. Името е звучно, но составот е различен, па селекторот Данило Брестовац верува дека можеме да одиграме добар натпревар.

Имаа само неполн ден да разгледаат кои се репрезентациите, кои ќе бидат наши противници, а уште помалку за класично да се подготват за нив. Брестовац вели дека во изминативе денови се подготвуваа како знаат дека одат на СП и затоа си дава за право да рече дека овие момци, иако млади, можат да му се спротивстават на секого.

„Работевме како да одиме на СП и ете, отидовме. Мислам дека со овој состав, којшто е во фаза на формирање, дека сме доволно рамноправни за да се носиме со сите репрезентации во светот, така и со Шведска, Египет и со Чиле. За нас е награда што сме на ова Светско првенство, но не е награда само да учествуваме, секако дека дојдовме за да влеземе во вториот круг, па понатаму секој нареден натпревар би ни бил добредојдена школа. На оваа генерација ѝ претстои светла иднина.“, вели селекторот.

Шведска се соочи со многу откажувања од репрезентацијата, потоа и неколку позитивни на Ковид-19, па не е истата репрезентација, која заврши петта на последното СП, пред две години.

„Се работи за одлична селекција, но нема да бидам скромен и ќе кажам дека, нè очекува една голема битка, еден добар натпревар и сигурно дека нема однапред да се предадеме, колку и да сме слабо подготвени за овој натпревар, во овој краток период“, додаде Брестовац.

Натпреварот се игра од 20.30 часот, а селекторот допрва треба да соопшти кои четворица ќе отпаднат, за да се формира 16-ката која ќе излезе на мегдан со Швеѓаните.