Брестовац дебитира на Исланд: Македонија бара нова ера преку стар ривал!

Македонската ракометна репрезентација ќе продолжи со квалификациите за Европското првенство во 2020 година со вечерашниот (21.45ч.) натпревар против Исланд. Мисијата за пласман на евро-собирот не би требало да биде доведена во прашање и покрај киксот со Грција, на стартот од циклусот, но и покрај тоа успех од двомечот со Островјаните е важен и потребен од друга, субјективна причина.

По едно од најслабите првенства во последнава деценија, на Македонија неопходен ѝ е успех, „валидација“ на сопствената вредност, за да можеме со самодоверба да го посееме растот на идните генерации. Исто така, ново поглавје отвора и Данило Брестовац, селекторот кој дебитира на вечерашниот дуел, а премиера со пораз не е пријатна за никого.

Сепак, свесни сме дека не можеме по секоја цена да бараме победа и тоа среде Атлантикот, во домот на една од најракометните нации на светот. Нивната децениска традиција не е само епитет на хартија, туку поткрепена е со свежа, полетна генерација ракометари, која веќе ѝ зеде мерка на Македонија, на СП во јануари.

Тоа беше 12. победа за Исланѓаните во дуелите со Македонија, наспроти нашите три, а им се даваат поголеми шанси и за јубилејна, десетта, со оглед дека се враќа едно од најдобрите леви крила на сите времиња, Гудјон Валур Сигурдсон. Заедно со плејмејкерот Арон Палмарсон, тие се столбови на подновениот Исланд и, несомнено, фоксуот на анализите на Данило Брестовац, пред неговото деби.

Најави дека нема претерано да менува во нашата игра, за што и немаше многу време, но истовремено најави и дека не планира да игра „7 на 6“ во нападот. Тоа значи дека ќе мора да повлечат сите единици во офанзивната формација, не само циркулацијата на релација десен бек - пивот. 

Како и да е, задоволство ќе пробуди, барем добра игра на Македонија, како што посака и Борко Ристовски, ако не позитивен резултат уште на првиот меч. Но, затоа постои и втора шанса, в недела во „Борис Трајковски“, а пред жолто-црвени трибини нема многу простор за толеранција.