Силни безбедносни мерки за Вардар - Кил, но и видео-бим пред „Јане Сандански“!

Вардар ги информираше своите навивачи и сите кои имаат билет за натпреварот со Кил в недела дека ќе бидат воведени строги безбедносни мерки пред и за време на мечот.

Паркингот на салата „Јане Сандански“ ќе биде затворен од почетокот на денот, а на влезот препорачливо е да не се носат чанти, ранци, несесери, уште помалку пластични шишиња или лименки, велат на клупската страница на Вардар. Единствените дозволени реквизити ќе бидат знамиња на Вардар и на Македонија.

За оние кои не успеале да дојдат до билет, ќе има организирано групно следење на натпреварот на видео-бим на платото пред салата, со ди-џеј и други забавни содржини.

Ова е веќе неколкугодишна практика на Вардар и за мажите и за жените, кога доаѓа до натпревар за пласман на Ф4-турнирот во Лигата на шампионите.

Мечот се игра в недела во 17 часот, а вратите на „Јане Сандански“ ќе бидат отворени од 15.30 до 16.45. Вардар веќе го победи Кил на гости, со 29-28 и треба само да го одбрани тој резултат за да се пласира на Ф4 во Келн.