Савехоф е дофатлив плен, Еурофарм по бодови во Шведска!

По минималниот пораз од Спортинг во првото коло, ракометарите на Еурофарм работник чувствуваат потреба за први бодови во Лигата на шампионите. Одиграа добар натпревар, а мораа да проголтаат неуспех, затоа сега со двојна мотивација одат на мегдан со Савехоф (19ч.).

Ќе биде класичен судир на балканскиот и скандинавскиот ракомет, а во такви ситуации неретко сме излегувале победници. Тренерот на Еурофарм, Стевче Алушовски, очекува ека ќе може да наметне игра против тимот во кој има само четворица странци: Србин, Унгарец, Исланѓанец и Норвежанец.

Фактот што Савехов во моментов е првопласиран во групата Ц, се должи само на поволниот распоред, нивниот дуел со Кокс во првото коло, кој го добија со 25-30. Кокс е финскиот шампион, кој уште не е во натпреварувачки ритам, првенството не му е почнато, па победа против него не секогаш е реален доказ за сила.

Од друга страна го имаме лошиот почеток на Савехоф во домашното првентсво, каде што е деветти по три рунди, со два пораза, од кои последниот е пред три дена на домашен терен од Редбергслидс. Ова е екипа со долго европско досие, иако овој настап во ЛШ претставува враќање на големата сцена по пауза од шест години.

Еурофарм, од друга страна, со секој натпревар ја воигрува својата подновена екипа, а вечерва ќе настапи во истиот состав како и на мечот со Спортинг.