Само оперираните ги нема: Вардар во полн состав ќе удри на Монпелје!

Вардар ја отвора новата сезона во Лигата на шампионите, а титулата ќе почне да ја брани на ист начин како што ја стартува и минатата сезона, на гости кај Монпелје. Екипата која отпатува во Франција ги содржи сите ракометари кои му се на располагање на Давид Писонеро, освен двајцата кои се рехабилитираат од операции.

Ако се одземе фактот дека Стоилов и Толедо веќе некое време не се во плановите на новиот вардаров тренер, тогаш може да се каже дека на денешниот дуел со Монпелје тој има комплетна екипа. Во составот е и Сташ Скубе, кој го прескокна дуелот со Мотор Запорожје во СЕХА-лигата, тука е и Глеб Калараш, кој веќе фати ритам, откако доцна ѝ се приклучи на екипата, а игра и Дисингер, кој се повреди на мечот во Украина.

Французите исто така играат во силен состав, со сите важни ракометари во него, а отсуствуваат единствено Литванецот Јонас Трухановичиус и Тунижанецот Мохамед Суси, кои играат како леви бекови, сепак на таа позиција Патрис Канаје и онака ги има Матје Гребиј и Брито Дуарте како опции пред нив.Натпреварот почнува во 17 часот и 30 минути.