Вардар немаше сили да се спротивстави на очекувањата и загуби од Веспрем со 29-38 во „Јане Сандански“, во меч од 10. коло, последен за есенската полусезона во ракометната Лига на шампионите.

Потребно беше да поминат само три минути за да се ѕирне во предвидливиот тек на натпреварот со предност за Веспрем која сигурно и стабилно растеше. Вардар како да се пресече по таа трета минута, кога погоди за 2-2 и потоа чекаше уште осум за да го постигне наредниот гол. Во меѓувеме Унгарците направија серија од 7-0 го кренаа водството и продолжија да го држат на 5-6 разлика до крајот на полувремето.

Вардар имаше видлива безидејност во нападот во тие минути, трипати загуби топка, еднаш погоди статива, но дури и кога најде некаков ритам во нападот рабоите не можеа да тргнат напред поради безнадежната одбрана. Веспрем се пробиваше низ неа по слободен избор, а вистинска напаст претставуваше Петар Ненадиќ кој постигна девет гола во првиот полчас. Највисоките минус седум се повторија во последните минути од полувремето и на пауза екипите заминаа со 15-22.

Во второто полувреме Едуард Кокшаров се обиде со игра 7 на 6, му даде шанса на третиот голман, Васил Гогов и тој се истакна со четири интервенции за 30 минути, но тоа никако немаше ефект на резултатот, кој достигна највисоки -11 во 52. минута, со 35-24 за Веспрем.

Павел Атман беше најефикасен со седум гола, по четири постигнаа Глеб Калараш и Иван Чупиќ, а Ненадиќ беше убедливо најефикасен на мечот со 11 гола. На овој натпревар воопшто не настапи Даинис Криштопанс, кој ја обнови повредата на десниот скочен зглоб во минатото коло, на гости кај Мешков Брест. Кратко настапи Горбок таа десна бековска позиција, а најдолго време нанеа помина Иван Чупиќ, главно во друштво на Скубе и на Атман во надворешната линија.

Ова е петти пораз за Вардар во 10 меча, со што остана на 9 бода, на шестата позиција во групата Б. Пред него е Порто со 10, Монпелје со 11, Кјелце со 12, а Веспрем е втор со 14. Води Кил со 16. Сега следува зимската пауза, а следниот натпревар Вардар го игра на 5 февруари, на гости во Кил.