Полска ја здроби Белорусија, Исланд во завршницата ја совлада Холандија

Полска вечерва ја запиша втората победа на Европското првенство (ЕП) во ракомет, откако ја совлада репрезентацијата на Белорусија со убедливи 29-20, додека Исланд во тежок натпревар беше подобар од Холандија со 29-28.

Белорусија го постигна првиот гол на мечот и тоа беше единствено водство за нив во текот на целата средба. Полска веднаш потоа влезе во серија од 5-0 и избега на 8-3, по што беше јасна нивната намера да дојдат до втора победа и пласман во следната фаза.

Полјаците во завршницата од второто полувреме повторно направија голема серија од 7-0 и со тоа го декласираа противникот, кој до крајот успеа да намали на 20-29.

Крајевски беше најефикасен во екипата на Полска со седум погодоци, додека Ваилупау постигна пет гола на спротивната страна.

Исланд имаше водство во текот на целиот натпревар против Холандија, а на средината на вторите 30 минути нивната предност изнесуваше и пет разлика (22-17), но ривалот се врати и го внесе мечот во возбудлива завршница, каде што Исланѓаните беа подобри со 29-28.