Не треба „чуда и врагови“, само обична вардарова вечер во „Јане“!

Некогаш, македонските екипи требаше да прават чуда, да реализираат тешки теории само за да мрднат чекор погоре на европската скала. Сега на Вардар му е потребна обична, веќе видена победа во сопствената сала за да стигне до најважниот ракометен турнир во светот. 

Гостува Кил во последниот евопски натпревар во „Јане Сандански“ за Раул Гонзалес...барем како домаќин. Поводот е специјален од повеќе агли, а всушност она што е потребно е многу обично и едноставно - победа на Вардар.

Сме гледале многу такви во четиригодишниот стаж на Шпанецот на клупата на Вардар против големи екипи и во важни моменти и ова е само уште една таква пригода. Вардар веќе го заврши поголемиот дел од работата на гостувањето во Германија, со победа од 29-28, така што, во теорија и со реми во Скопје ќе се пласира на Ф4-турнирот во Келн.

Раул е задоволен од тоа како изгледаше екипата во „Шпаркасен арена“ пред седум дена, особено од одбраната, па Кил и Алфред Гисласон ќе мора да бараат алтернативни начини да го изненадат актуелниот европски првак. Хендикеп ќе им биде отсуството на Штефан Вајнхолд, кој се повреди на првиот натпревар, па и тогаш не одигра многу.

Настрана од поразот од Вардар, Кил ја потврди својата добра форма уште еднаш, славејќи во четвртокот со 11 разлика на гости кај Лајпциг. Врз него тежи силен притисок, бидејќи лани пропушти да се пласира во Келн, а немаше ниту една друга германска екипа првпат откако е формиран Ф4-системот во ЛШ.

Вардар од друга страна е воден од идејата да стане првата екипа која ја одбранила титулата во ЛШ и само втората, по Кил во 2013, која се пласирала на Ф4 откако минатата година станала европски шампион.