„Не ги провоцирајте Грците - навивајте за Охрид и за Македонија!“
Пред овој натпревар од редовите на Охрид испратија апел до сите кои ќе бидат во салата „Билјанини Извори“ да навиваат без провокации кон грчкиот состав.
„Почитувани охриѓани, симпатизери, навивачи и љубители на ракометот!
ГРК Охрид за градот од коло во коло на Европската сцена пишува историја! Одигравме одличен натпревар во Атина и се вративме како победници. Но, имаме уште 60 минути на домашен терен.
Бевме одлично примени од екипата на Олимпијакос и натпреварот помина во одлична ракометна атмосфера. Ја повикувам публиката, симпатизерите и навивачите во сабота да бидат 8-от играч на ГРК Охрид и ветер во грб на нашите гладијатори. Ве молам со фер и најкоректно навивање и поддршка за нашите момци да му помогнете на клубот. Транспарентите во преполната сала Билјанини Извори да бидат исклучиво за поддршка на нашиот клуб и Македонија, да ја оставиме политиката настрана и да му помогнеме на нашиот град да испишува историја! Со почит, Спортски директор Славчо Ристески“, стои во објавата на социјалните мрежи.
Ќе потсетиме, како на натпреварот во Атина, така и на дуелот в сабота забрането е присуство на гостински навивачи.