Барса за едно полувреме го победи ГОГ, Фуксе со цел плен се враќа од Нант!

Денеска се одиграа четири натпревари од Лигата на шампионите, на две средби победија домаќините, на две триумфираа гостите.

Барселона стартуваше моќно, го победи ГОГ со 37-32, но резултатот не е вистинска слика на она што се случуваше на теренот.

Каталонците во првото полувреме направија и 12 голови разлика, а на одморот заминаа со 11, беше 25-14. Откако стана јасно дека го решија прашањето за победникот, следуваше опуштање во вторите 30 минути по кои ГОГ значително намали и се избори дури и за пристоен пораз од пет голови разлика, 37-32.

Ова беше меч од групата на Пелистер, а денеска од оваа група се одигра и дуелот меѓу ПИК Сегед и Висла Плоцк кој го добија гостите со 34-33.

Во другата група гостинска победа забележа Фуксе Берлин кој со 40-34 славеше кај Нант, а најубедлив беше Кјелце кој со 38-27 го растури Колштад.