Монпелје гази сѐ пред себе, прв триумф за ППД Загреб во ЛШ

Францускиот гигант Монпелје немаше проблеми против Елверум и славеше со 39-32 за шести триумф сезонава во ракометната Лига на шампиони (ЛШ), додека на вториот меч ППД Загреб го реши Мешков Брест со 31-24.

Елверум му парираше на Монпелје само на стартот на натпреварот, по што францускиот тим ја презема контролата врз натпреварот и на полувреме замина со водство од три гола (19-16).

Монпелје ја полнеше мрежата на Елверум без потешкотии во вториот дел до конечни 39-32 и зацврстување на првото место во групата А. А одличен меч имаше Уго Дескат кој постигна 11 гола и беше најефикасен во тимот од Франција.

ППД Загреб тргна фуриозно во мечот и за кратко време создаде водство од 9-5, меѓутоа хрватскиот гигант почна со грешки во нападот и тоа знаеше како да го казни Мешков Брест, кој до полувреме израмни на 14-14.

Гостите имаа и предност од два гола (17-15) на почетокот на вторите 30 минути, но потоа тимот од Загреб влезе во одлична серија и со неколку голгетерски серии славеше со 31-24.

Иван Чупиќ беше најдобар во екипата на ППД Загреб со осум постигнати голови, додека Јака Малуш даде шест гола за белорускиот тим.