Михајловски: Вардар ќе игра во ЛШ, спорот со ЕХФ ќе биде решен!

Македонскиот ракометен првак Вардар ќе игра во новата сезона од Лигата на шампионите и покрај спорот со ЕХФ, според кој услов за настап е клубот да плати еден милион евра. Поволната иднина денеска ни ја потврди првиот човек на Вардар, Михјало Михајловски.

Вардар ќе стори сè за да учествува во европската елита и овој проблем тежок еден милион евра да исчезне од патот кон враќање на славата. Михајловски потврди дека се во преговори со ЕХФ спорот да биде решен во предвидениот рок и со најмала можна штета и за двете страни.

„Ќе играме во Лигата на шампионите, нема дилеми. Се прават максимални напори да го решиме спорот со ЕХФ. Вардар ќе ја плати бараната сума, но не можам да откривам детали бидејќи сè уште разговараме со ЕХФ“, одговори Михајловски.

Крајниот рок за плаќање на бараната сума е 27 јули, иако во јавноста и по медиумите се крена врева деновиве затоа што помина 13 јули, првично назначениот рок за прва рата, ако неа воопшто ја имаше. 

На 29 јуни ЕХФ го објави барањето од Вардар за депозит од еден милион евра, како услов за учество. Со таа сума, ќе ги покриеле заостанатите побарувања од клубот, кои требаше да бидат обврска на минатиот предводник, Сергеј Самсоненко. По ваквиот развој, Михајловски ни изјави дека не постои актуелна судска постапка со која се побарува од Вардар и дека Вардар ќе го оспори ова барање на ЕХФ, а сега очигледно доаѓаат до компромис.