Идниот „вардарец“ Анте Кудуз исфрлен на улица: Динамо не платил кирија

По завршувањето на актуелната сезона, Анте Кудуз го напушта Динамо Букурешт и следните две сезони ќе го носи дресот на Вардар. Хрватот нема по добро да го памети престојот во романската престолнина. 

Тој бил исфрлен од својот стан каде живее по втор пат во рок од осум месеци. Клубот не ја платил киријата за станот во кој претстојува Кудуз и своето разочарување го сподели на социјалните мрежи.

„Драги навивачи, вие сте причината поради која Букурешт ми стана втор дом и јас станав дел од Динамо. Изминативе три години со вас делев убави, но и тешки моменти со вас. За жал, поради однесувањето на една личност, која не ги исполни своите договорни обврски кон мене, по вторпат оваа сезона, бев исфрлен од станот во кој живеам. Причината е неплаќање на закупнина, што клубот е должен со договор да ја плати. Првиот пат ме истераа од станот во август 2020 година. Тогаш, искрено мислев дека е недоразбирање. Но, кога се случи повторно, пред неколку дена (20 април 2021 година), на денот на натпреварот со Констанца, сфатив дека тоа не е случајно.
Иако веднаш им кажав на сите во клубот дека сум повторно на улица, никој не реагираше до денес. Јас секогаш давав сè на теренот за Динамо и мислам дека не го заслужувам овој третман од еден човек во клубот“, напиша Хрватот на „Фејсбук“.