Двајца вардарци во „топ пет“ најубави потези во ЛШ – еден за одбрана и еден за гол! (ВИДЕО)

Двајца вардарови ракометари се најдоа во топ пет потезите во седмата рунда од Лигата на шампионите во традиционалниот избор на „ЕХФ ТВ“, па Калиба Гедбане обезбеди место меѓу најдобрите пет одбрани, а руското крило Тимур Дибиров во топ пет кај најубавите голови изминатиов викенд во ракометната елита.

Вардар ремизираше со Кјелце во дербито на групата во преполниот СЦ „Јане Сандански“, а конечно Алжидрецот Гедбане беше на ниво, бранејќи извонредно во второто полувреме, а имаше интервенција во финишот за да спаси водство на полскиот тим и да му овозможи на Вардар напад за победа. Гедбане со една од своите интервенции се најде на петтото место во изборот на најдобри одбрани.

Петте најдобри интервенции може да ги погледнете ТУКА.

Дибиров одамна е познат како ракометен виртуоз, па во седмата рунда влезе како четврти стрелец на најубав погодок со еден гол од своите специјалитети по контранападот на црвено-црните. Најубав гол е фантастичниот погодок на Руеска од Спортинг Лисабон против вториот македонски претставник во ЛШ, Еурфарм Работник.

Петте најубави голови во ова коло во ЛШ може да ги погледнете ТУКА.