Барса ја доби репризата на финалето, ППД Загреб убедливо загуби во Германија

Шпанска Барселона која е актуелен ракометен првак го победи полски Кјелце со 32-28 за втора победа на Каталонците на стартот на новата сезона во Лигата на шампионите, а ППД Загреб доживеа убедлив пораз со двоцифрена разлика во Германија кај Магдебург (25-35).

Кјелце во Каталонија се држеше нешто повеќе од пола полувреме кога беше во егал 10-10, по што Барса до полувреме даде осум гола, а прими три за големи плус пет (18-13) на паузата и таа предност до крај не ја испушти.

Полскиот тим се обиде да се врати, но сѐ што стигнуваше да се доближи до само два негатива, но никако да дојде „на една топка“, па европскиот првак на крај стигна до триумфот во кој Фабрегас даде шест, а Мем и Гомез по пет гола. Кај Кјелце, Морито имаше шест, а Алекс Дујшебаев пет гола.

Екс-вардаровото трио Иван Чупиќ, Тимур Дибиров и Стефан Додиќ заедно дадоа четири гола, а ППД Загреб загуби со десет разлика и веќе на полувреме се надѕираше убедливиот пораз откако Магдебург замина на плус пет на паузата, а потоа во првата половина од вториот дел ја набилдаа разликата и до највисоки 11 предност (30-19).

ГОГ и Динамо Букурешт одиграа реми 38-38, а Нант го победи Сегед со 35-30 во другите два меча на денешната програма.