Вардар нема право на грешка – Пелистер мора да биде совладан во „Јане Сандански“!

Ракометарите на Вардар вечерва, на домашен терен во салата „Јане Сандански“, против Пелистер (18 часот) ќе го одиграат можеби најважниот меч досега сезонава, бидејќи немаат друг избор освен победа во пресметката со најголемиот ривал.

Црвено-црните се во ситуација што само триумф ги остава во игра во битката за титула во која противникот од Битола и понатаму ќе ја има пол-позицијата, но ќе мора да внимава да не направи некој кикс во натпреварите до крајот на сезоната. Секаков друг исход од вечерашниот дуел, па дури и поделба на бодови, речиси ќе значи предвремено крунисување на зелено-белите, кои во таква ситуација веќе може да сметаат дека ја одбраниле титулата во македонското првенство.

Меѓу навивачите на Вардар веќе одамна постои мобилизација, па за очекување е трибините да бидат исполнети речиси до последното место, а во салата ќе ги нема „Чкембари“ и тоа поради големиот инцидент од ланската пресметка во Аеродром, но на барање на полицијата со оглед на периодот на предизборна кампања. Ова ќе биде четврти првенствен дуел на двата тима сезонава, во кои Пелистер води со 2-1 со оглед на победите на домашен терен (29-25 и 27-21), додека црвено-црните славеа во првиот меч во „Јане Сандански“ со 30-25.