Вардар го прегази Охрид, Алкалоид ја освои Струга

Двете најдобри екипи во групата А на ракометната Суперлига продолжија да редат победи и се пласираа во плејофот, откако Вардар славеше со 32-25 против Охрид, додека Алкалоид беше одличен на гостувањето кај Струга и славеше со 44-29.

Македонскиот шампион го имаше водството од првата минута, а почна да гради посериозна разлика од 11. минута (8-4). Гостите од Охрид имаа грешки во нападот, кои знаеше Вардар да ги казни и на полувреме замина со водство од 19-14.

Ништо ново не се случи во вториот дел, а Вардар уште на почетокот избега на седум разлика (23-16), по што стана јасно дека Охрид не може да се врати резултатски во мечот и загуби со 25-32.

Дејан Манасков постигна осум голови за „црвено-црните“, додека по шест постигнаа Куни Моралес и Филип Талески. На спротивната страна најефикасен беше Владимир Бојаниќ со осум гола.

Мечот во Струга имаше израмнет почеток и се играше гол за гол, по што Алкалоид избега на 8-4, а најмладиот суперлигаш на полувреме замина со 22-14. Второто полувреме не понуди многу возбудувања бидејќи Алкалоид беше одличен и во нападот и во одбраната за на крајот да слави со 44-29.

Најдобар во тимот на Алкалоид беше Мартин Серафимов со осум голови, додека кај Струга најефикасен беше Маркоски со осум погодоци.