
Сулејманов (Сефери): Не ја облеков маичката поради национализам!
Младиот албански репрезентативец во минатото го носеше дресот на Македонија, а своевремено беше и најмладиот фудбалер во историјата што дебитирал за сениорската македонска репрезентација.
Побаравме одговор од самиот фудбалер, зошто објави таква фотографија во која се навредуваат чувствата на многу Македонци, која делува како евтина провокација.
„Тоа не беше провокација од моја страна. Маицата ми ја дадоа навивачите кои беа на трибините и ме замолија да ја постирам. Навистина не беше со намера да испровоцирам некого. Сакам да кажам дека не го направив тоа поради национализам, го направив тоа затоа што луѓето го побараа тоа од мене и во тој момент не ни помислив дека така ќе се прифати. Не бев свесен дека луѓето ќе реагираат на таков начин. Да знаев дека ќе биде вака, сигурно немаше да постирам“, вели фудбалерот за „Спорт1“.
Сулејманов, сега Сефери, во 2014 година стана најмладиот дебитант во сениорската репрезентација на Македонија откако настапи на пријателскиот натпревар со Камерун со 17 години, шест месеци и 12 дена, со тоа што тогаш го сруши рекордот на Горан Пандев. Кратко потоа се премисли и зема албански пасош. Откако паузираше неколку години, тој сега е стандарден репрезентативец во младинската репрезентација на нашиот западен сосед.