„Штом сте Грузиец, најдете си друг апартман во Рим, јас го мразам Наполи!“

Фудбалот има големо влијание во секое поле од животот и, најчесто тоа е позитивно, на пример во туризмот, но еден негативен стана вирален деновиве.

Еден Грузиец се прослави без да планира, затоа што неговата планирана екскурзија во Италија доби неочекуван пресврт. Човекот имал организирано цел аранжман, со авионски карти, со резервирано сместување во Рим, Фиренца и во Милано, сè додека газдата на апартманот во Рим престанал да го контактира. Човекот се обидувал да се разбере, се активирале и неговите пријатели, за конечно да добие ваква порака.

„Здраво од Рим, извинете што не ве контактирав повторно. Знам дека сте од Грузија и дека го резервиравте овој апартман, но јас го мразам Наполи, а Хвича Кварацхелија многу ме повреди оваа сезона. Ве молам најдете си друг апартман“, се изјаснил газдата.

Човекот кој го резервирал апартманот, се разбира, ја објавил оваа порака на социјалните мрежи и инстант се прославил, па во неговата земја му направиле и мало интервју за да се запознаат и со него и ситуацијата.

„Мислам дека во Фиренца не треба да стравуваме од вакво нешто, но во Милано ќе треба да спиеме во парк или на железничка станица. Луѓето таму се уште поогорчени“, ја продолжил Грузиецот шегата, алудирајќи на титулата која од Милано се пресели во Неапол.