Се заканува фијаско за мечот Вардар-Зенит: Пола стадион е непродаден! (ФОТО)

Иако навивачите на Вардар долго чекаа нивниот миленик да се пласира во групната фаза од некое од натпреварувањата на УЕФА, што годинава конечно им се оствари, сепак за денешниот дуел со Зенит од првото коло од Лигата на УЕФА, стадионот може да зјае полупразен!

На неполни осум часа пред стартот на мечот, непродадени се точно 15.985 билети. Што е рамно на фијаско. Дури и официјалниот веб сајт на Зенит објави дека на стадионот не се очекуваат повеќе од 20 илјади гледачи, што дури би било и премија со оглед на тоа како се одвиваат работите. 

Управата на Вардар се пофали дека продала околу 4.000 блок влезници, но од таму нема абер за тоа како оди продажбата на регуларните билети за Зенит, освен тоа што може да се собере од сајтот Тикетплус, овластениот продавач на картите на Вардар. Според приложеното, најтешко оди продаќбата на најскапите билети - тие од по 1.200 денари, па може да се случи централните места на Југ и на Север да зјаат (полу)празни. 

Радува податокот што Комитите го распродадоа целиот капацитет што ним им беше даден на располагање, па се очекува на западната трибина да има околу 3.000 најжестоки вардарови навивачи.