СКАНДАЛ: Челниците на МОК и АМС во Токио шетаат - фамилијарно! (ФОТО)

Додека македонските олимпијци само формално учествуваат, па од тројцата кои досега се појавија на ЛОИ во Токио во првите два дена еден спортист ни заврши последен, еден во долната половина од квалификациите, а денеска џудистката беше елиминирана по само една минута борба, главните луѓе во најзначајните спортски организации во земјава во јапонската престолнина си заминале на прошетка фамилијарно и тоа како дел од олимписката делегација.

На сoцијалните мрежи кружи список од Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), потпишан од претседателот Даниел Димевски, за приоритетна вакцинација на олимписката делегација за Токио испратена до националната група за имунизација при министерството за здравство уште од 3 мај, на кое на списокот се лица кои немаат допирна точка со спортот и олимпизмот, ама се членови на најтесното семејство на главните функционери.

Така во Токио на прошетка првиот човек на МОК, Даниел Димевски си ја повел сопругата, како и директорот на државната спортска институција, Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсоски, кој исто така со себе ја повел сопругата. Спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, пак, го пријавил својот син во олимписката делегација.

МОК, чија главна функција е како да се поправи комплетниот македонски спорт и како земјава да има поважна улога во светскиот спорт освен кубертеновото мото „битно да се учествува“, се претвори за овие Игри во туристичка агенција, која на своите главни фаци им овозможува туристичка двонеделна прошетка на јапонската престолнина, иако поради пандемијата со коронавирус Токио е практично затворен и во вонредна состојба.

Македонија веќе две децении чека на медал, одамна само инцидентно имаме спортисти со А-норма, како борачот Могамедгаџи Нуров и таеквондистот Дејан Георгиевски, останатите сите добиваат „виза“ со вајлд-карта, па туризмот не е несвојствен за МОК, само што во случајов очигледно фотелјашите се пуштени на најјако за во една од светските метрополи да го искористат моментот да си прошетаат фамилијарно.

Ова е втор скандал поврзан со олимпискиот комитет на нашата земја поврзан со ЛОИ во Токио, откако пред неколку дена бевме сведоци како луѓето кои го водат официјалниот профил на МОК на Фејсбук непотребно и надвор од нивото на организацијата, се објаснуваа на социјалната мрежа со незадоволните од одлуката кои спортисти ќе патуваат во јапонската престолнина.