Недолично: МОК преку Фејсбук се препукува со потенцијален олимпиец (ФОТО)

Промената во последен час на добитникот на специјалната покана за олимпискиот пливачки турнир на претстојните Игри во Токио (23 јули-8 август) донесе неочекувана „војна со зборови“ на социјалните мрежи во која, неочекувано, се вклучи и Македонскиот олимписки комитет (МОК).

Првичната реакција дојде од Давор Петровски, кој првично беше одреден за патник кон Јапонија, но потоа дојде до промена, па место во македонскиот олимписки тим доби Филип Дерковски. Челниците на МОК уште пред неколку дена објаснија зошто е дојдено до ваква промена, односно го потенцираа фактот што на ЛОИ ќе патува пливачот со најдобар резултат во 2021 година според бодовната листа на Светската пливачка федерација (ФИНА).

„Веруваме дека си добар спортист и иден пливач кој сигурно ќе даде се од себе да оствари одличен резултат во пресрет на Игрите во Париз во 2024 година и дека со 'А' норма ќе го обезбедиш своето учество. Сега, после официјалната Одлука на ФИНА, која е исклучиво надлежна за доделување на Универзално место за учество на спортисти без А или без Б квалификационо време за учество на ОИ ТОКИО 2020, ти преостанува да му честиташ на Филип Дерковски, кој има 732 ФИНА бодови, според официјалната ФИНА табела за 2021 година, а на која го нема твоето име, бидејќи ти имаш резултат кој ти носи 697 ФИНА бодови, кој е послаб резултат од оној на Филип Дерковски! Веруваме во твој фер и коректен однос кон твојот другар спортист и веруваме дека заради лош менаџмент на информации доведен си во целосна заблуда за реалната ситуација која е заклучена со конечна Одлука од страна на ФИНА“, се вели во реакцијата на МОК.

Но, наместо да застанат тука, со оглед што го презентираа својот официјален став позади кој цврсто стојат и кого го сметаат за единствен исправен, луѓето од МОК непотребно, а и недолично за оваа организација, си дозволија да влезат во препукување на Фејсбук. Петровски имаше објавено свое видување на работие, на што веднаш доби официјален одговор, но кавгата продолжи и во коментарите на постот на најпопуларната социјална мрежа. Предводниците на македонскиот олимпизам се доведоа во ситуација да водат непотребна битка онаму каде што не би смееле да ја водат, со што само долеаја „масло во оганот“.

Нивото на дискусија полека беше спуштано, а опомена за начинот на кој се однесуваат на социјалните мрежи добија и од моранешниот министер Самоил Малчески.

„Многу нечесно е што на овој начин место да го решите проблемот вие ги вовлекувате двајцата пливачи во меѓусебен конфликт! Раководењето значи носење одлуки, а не вакви ниски потези“, се обрати поранешниот министер кон луѓето од МОК, потенцирајќи на деловите од „дискусијата“ во која тие го споменуваат односот помеѓу двајцата пливачи, кои не по своја вина се најдоа на две различни страни.

Останува да се види дали ваквиот начин на комуникаци со „дебати“ на социјалните мрежи ќе продолжи да биде принцип на работа на новото раководство на МОК, или, пак, ова е направено импулсивно, без воопшто да се размисли дека е далеку под секое ниво за најважната спортска организација во државата.