МТВ ќе пренесува италијанско првенство - по еден меч неделно!

Една од најпопуларните и најквалитетни европски фудбалски лиги, италијанската Серија А, по долга пауза се враќа на програмата на некоја од македонските телевизии со национална концесија за кои не треба да се плаќаат дополнителни давачки.

Дуелите на Горан Пандев во дресот на Џенова, Елиф Елмас во дресот на Наполи и на Илија Несторовски во дресот на Удинезе во следната сезона ќе може да се следат низ телевизиски преноси на Македонската телевизија (МТВ), која ги откупила правата за пренесување на еден натпревар од секое коло. Првиот меч кој ќе оди на националниот канал е пресметката на Интер против Лече закажана за в понеделник од 20.45 часот.

Ова е само дел од богатата спортска програма најавена од МТВ каде што најверојатно ќе одат преносите од средбите на Вардар и на Еурофарм Работник во Лигата на шампионите како и дебито на Македонија на одбојкарското ЕП следниот месец. Најавена е можност и за пренесување еден меч неделно и од француското првенство.