Маленко се пофали: „ФИНА ја призна мојата Пливачка федерација на С. Македонија“!

Поранешниот прославен пливач, Александар Маленко, денеска ги информира медиумите дека Светската пливачка федерација (ФИНА) донела одлука за прифаќање на промената на името на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) со додавка на „Северна“ пред името на државата (ПФСМ) со него на функцијата претседател.

Со ова тој потенцира дека ФИНА наводно ставила точка на двовластието во македонското пливање односно дека оваа организација на признала неговата организација, а не Националната пливачка федерација (НПФ) на Александар Филипчев, која, пак, е валидна за државата и за Централниот регистар на Македонија.

Маленко истовремено ја информира јавноста за потпишување спонзорски договор со компанијата „ФИНИС“ за следните пет години, како и за фактот што македонската пливачка репрезентација во моментов се наоѓа во Едирне (Турција) на завршни подготовки за претстојното Светско првенство (СП) во Кореја (16-28 јули) на кое ќе настапат Евгениј Поп Ацев во далечинско пливање како и Филип Дерковски, Давор Петровски, Миа Крстевска и Ева Петровска.

Поранешната пливачка легенда неодамна беше во центар на скандалот со забранувањето на настап на пливачката Миа Еминова Блажевска на Медитеранските игри во Бургас, само зашто доаѓа од клубот ПВК Орион, кој во битката за власт во пливањето е на страната на неговиот противник Филипчев.