Раскинот е спогодбен: Младеновски повеќе не е кошаркар на МЗТ Скопје!
Високиот центар се врати во Аеродром пред почетокот на минатата сезона по едногодишен престој во Словенија во тимот на Илирија.
„Младеновски изрази желба повторно да се проба во странство, по што управата на клубот реши да му излезе во пресрет односно да не му пречи во обидот да оствари интернационална кариера“, велат од таборот на МЗТ Скопје.
Македонскиот репрезентативец сезонава одигра 16 средби во АБА2-лигата со просек од 4,9 поени и 3,3 скока додека на домашна сцена одигра 31 средба со просек од 7,8 поени и 6,4 скока. Засега нема најави каде високиот центар би ја продолжил кариерата.