И ОФС Липково избришано од фудбалската мапа на Македонија! (ФОТО)

Откако вчера Општинските фудбалски сојузи (ОФС) на Демир Хисар и Македонски Брод добија поништување на решението за вршење на дејност спорт, денеска иста „честитка“ од Агенцијата за млади и спорт (АМС) доби и ОФС Липково.

За неверување е податокот дека воопшто во Македонија постои ОФС Липково, каде што нема своја општинска лига ниту клубови за да учествуваат во неа, но затоа сензационален е фактот дека токму од таму има член на УО на ФФМ и тоа Саљим Абдиљи. Сега, по ова решение останува отворено прашањето за неговото учество во фудбалската влада и за одлуките донесени со неговиот глас.

ФФМ под своја закрила има 26 ОФС од кои доаѓаат 96 делегати. Најмалку половина од овие се фантомски, зашто доаѓаат од места и градови кои воопшто не смеат да постојат на фудбалската мапа на Македонија. Причината е проста - во тие ОФС не се организираат натпреварувања на локално ниво, затоа што нема доволен број или подобро кажано, нема регистрирано доволен број екипи кои би учествувале во систем на натпревари на ниво на ОФС. 

Според најавите, во наредниов период ќе бидат исклучени сите ОФС кои не ги задоволуваат условите за работа и кои не се во корелација со Законот за спорт.