Панчев: Вардар ја активираше клаузулата од 50.000 евра, џабе Тракаи се буни!
Сепак, спортскиот директор на Вардар, Дарко Панчев, објасни што точно се случувало помеѓу Вардар, Тракаи и Максимов. По неуспешните преговори помеѓу двете екипи, македонскиот шампион одлучил да ја активира откупната клаузула од договорот на играчот со Тракаи, истото она што ПСЖ ѝ го направи на Барса во случајот со Нејмар и со самото тоа фудбалерот по автоматизам има право да преговара со клубот кој ја активирал клаузулата.
„Ние се обидовме да разговараме со нив на најнормален начин, но поради тоа што тие покажуваа отпор и одбивност кон нас, ние го искористивме правото да ја активираме откупната клаузула од неговиот договор која изнесуваше 50 илјади евра. Ние го ангажиравме врз основа на тоа право од неговиот договор и наскоро ќе го регистрираме во УЕФА. Тракаи е уредно информиран дека ние ќе ја платиме откупната клаузула од договорот на Максимов, не знам зошто сега реагираат вака. Се прави беспотребна драма, ние како клуб го искористивме тоа што го има во неговиот договор со Тракаи, не сме прекршиле никаква одредба ниту правило. На крајот на краиштата и Нејмар на ваков начин замина од Барселона во ПСЖ. Кој им е виновен што ставиле клаузула од 50 илјади евра, деновиве и УЕФА ќе го разгледа комплетниот договор и ќе биде утврдено дека нема никаква дамка“, ни изјави Дарко Панчев.