Тракаи упати протест до Вардар: Трансферот на Максимов е илегален!

Откако денеска македонскиот шампион Вардар го официјализираше трансферот на Максим Максимов, литвански Тракаи со официјално соопштение потенцира дека трансферот е нелегален и дека Максимов сè уште има договор со нив.

Тракаи попладнево ја информира јавноста дека Максимов во Вардар заминал иако не го прекинал договорот, а Литванците веќе ангажирале двајца адвокати за спортско право за овој случај. Рускиот џин, кој е најдобар стрелец во квалификациите во Лига Европа со седум гола на шест меча, потпиша тригодишен договор со црвено-црните и Вардар во него гледа големо засилување за нападот во дебитантската сезона во Лига Европа. Но, Литванците сега на површина извадија проблем околу "илегалниот"  трансфер, затоа што тие не добиле, како што потенцираат, официјална понуда од Вардар за својот напаѓач

„ФК Тракаи потенцира дека Максим Максимов е моментно фудбалер на Тракаи, двете страни имаат договор, кој е валиден и не е истечен. ФК Тракаи не добил никакво официјално барање од Максим или неговите претставници за прекинување на соработката на легален начин или со легален метод. Тракаи и ФК Вардар немаат потпишано никаков договор за трансфер на Максимов и Тракаи не добиле никаква понуда од Вардар за реализација на трансферот. Тракаи е изненаден и разочаран од вестите кои ги добивме и верува дека оваа операција е направена несовесно. Како резултат на овие работи, Максимов и Вардар ќе се соочат со исклучително комплексна, финансиска проблематика. Интересот на Тракаи ќе биде претставуван од два специјалисти за спортско право, Мариуш Девижис и Мартинас Калвелис од адвокатската куќа Примус“, се вели во сооштението на Литванците.