Хаос на меч во Охрид: Кошаркар и двајца навивачи тргнаа да ги тепаат судиите (ВИДЕО)

Дерби пресметката од Првата лига помеѓу ГКК Охрид и Гостивар донесе неизвесен натпревар во многу промени на водството, но и со голем инцидент кон средината на последната четвртина, по кој салата мораше да биде испразнета и доиграна пред празни трибини.

Хаосот се случи при водство на охриѓани со 75-74, кога една навидум бенигна ситуација во која беше доделена техничка грешка на еден од домашните кошаркари, прерасна во хаос поради кој средбата беше прекината на половина час. Казнетиот центар на ГКК Охрид продолжи да протестира, по што доби уште една техничка грешка по што продолжи да го брка судијата по теренот па беше исклучен.

 

 

Ова предизвика реакции од клупата на домаќинот и од трибините, на кои речиси и да немаше полициски службеници кои би ја смириле ситуацијата. Пцовките од дел од навивачите беше причина што судиите побараа тие индивидуалци да бидат отстранети од салата, по што двајца од нив се симнаа да ги тепаат делителите на правдата. Првиот беше поагресивен, но за среќа беше спречен во намерата, но вториот успе да дојде до еден од судиите и да го влече за рака пред да биде тргнат од него.

Поради ова, сите присутни во салата мораше да си заминат, по што натпреварот се доигра и да заврши со победа на охриѓани со 90-85.