Кој би помислил: Шкендија Тетово ќе го пречека Силекс на - скопската Арена!
Тетовските „црвено-црни“ со години се редовни учесници на нашиот најголем стадион – било како гости на дерби-пресметките или како домаќини во европските купови – ова претставува вистински историски преседан во домашниот шампионат. Досега, тимот од Тетово никогаш ја немал формалната улога на домаќин на скопски „Градски“ во рамките на ПМФЛ, а сезонава поради реновирањето на нивниот стадион најчесто играа на терените на ФФМ, како и во Гостивар.
Целата приказна добива уште поинтересна димензија во позадина, со оглед на тоа што во рамките на истото коло на истиот тревник ќе истрча и најголемиот ривал на Шкендија, скопски Вардар, но против екипатана Тиквеш во дуел закажан за утре (сабота). За разлика од историскиот момент за тетовци, кај вардарци оваа рунда носи долгоочекувано враќање во матичниот дом по точно три месеци играње надвор од својот терен и последниот настап на Арената уште на 24 август против Силекс.