Битка за важни бодови: Шкендија (А) го пречекува Башкими на „ораницата“ во Чаир!

По двонеделната пауза поради обврските на македонската фудбалска репрезентација, денеска продолжуваат возбудувањата во Првата лига и тоа со мечот од 14. коло помеѓу Шкендија Арачиново и Башкими, кој ќе се одигра на стадионот во Чаир (13 часот).

Домашниот состав влегува во овој дуел како фаворит на хартија, како поради квалитетот на ростерот, така и поради актуелната позиција на табелата. Тимот од Арачиново се наоѓа на петтото место со 18 освоени бодови и посакува да ја продолжи победничката серија по гостинскиот триумф над Арсими во минатото коло.

Од друга страна, Башкими се наоѓа на осмата позиција со 11 бодови и на кумановци им се исклучително потребни бодови за бегство од долниот дел на табелата. Иако Шкендија Арачиново ја има фаворитската улога, избраниците на тренерот Муарем Муарем имаат свои амбиции и сигурно ќе го дадат максимумот, што најавува тврда и неизвесна битка, дополнително отежната од лошиот терен на стадионот во Чаир.