Касано удри по Роналдињо: Беше болно да се гледа - смешен циркус и фарса на 46 години!

Поранешниот италијански фудбалер, Антонио Касано, ја изненади италијанската јавност со остри критики за враќањето на легендарниот Роналдињо на фудбалските терени.

Бразилецот на 46-годишна возраст заигра за италијанскиот третолигаш Равена, девет години откако официјално ја заврши својата богата кариера. Некогашниот освојувач на „Златната топка“ минатата недела се најде во почетниот состав во победата против Форли (2-0) во Серија Ц, потег кој предизвика големо изненадување во италијанската фудбалска јавност. Роналдињо, кој е еден од косопствениците на Равена, ги исполни трибините на стадионот „Бруно Бенели“, каде што беше пречекан со огромни овации. Во својот прв натпреварувачки меч по заминувањето од Флуминенсе во 2015 година, тој го носеше дресот со број 10, учествуваше во акцијата за водечкиот гол на Џулио Донати во 36. минута и го одигра целото прво полувреме, по што остана во соблекувалната.

Иако Бразилецот потпиша за Равена во јуни 2026 година поради блиското пријателство со претседателот на клубот Ињацио Чипријани, неговиот краток камбек воопшто не го импресионираше поранешниот напаѓач на Рома, Милан, Интер и Реал Мадрид. Касано истакна дека исклучително го почитува Роналдињо и го смета за еден од петте најголеми во историјата покрај Меси, Марадона, Роналдо Назарио и Пеле, но не го штедеше за овој потег.

„Ова што го направи пред некој ден беше навистина болно за гледање. Што бара тој на терен на 46 години и во таква состојба? Не ми е јасно. Дали го направи тоа поради односот со Чипријани, кој му е пријател? Зашто му платиле огромни пари? Не знам. За мене тоа беше смешен циркус. Не знам како поинаку да го наречам“, изјави Касано.

Италијанецот дополнително нагласи дека никакви пари не би го натерале на сличен чекор.

„Јас тоа не би го направил ни да ми понудат 10 милиони. Дури ни 20. Секоја чест на човекот кој отсекогаш бил скромен и еден од најголемите на сите времиња. Но, ако ме прашате да го оценам баш овој настан, за мене тоа беше циркус и фарса“, заклучи Касано.

И покрај острите оценки на Касано, Роналдињо не ја исклучи можноста повторно да заигра за Равена до крајот на сезоната 2026/2027 во Серија Ц, најавувајќи дека ќе ја процени својата физичка подготвеност во пресрет на следните првенствени натпревари.