„Ѓоковиќ е готов, повеќе не е кандидат за ниту една голема титула!“
Џонсон, кој во кариерата стигна до 21. место на АТП-листата, своето мислење го изнесе во подкастот „Нотинг мејџор“, во кој учествува заедно со Џон Изнер и Сем Квери.
Американецот откри дека до неодамна верувал оти Ѓоковиќ може да направи силен финиш на сезоната и да обезбеди место на завршниот Мастерс во Торино. Дополнителен оптимизам му дала титулата на турнирот во Пекинг, но следните настапи целосно го промениле неговиот став.
„Бев оптимист во последните недели. Кога кажа дека сака да се пласира на завршниот Мастерс, верував дека ќе успее. Тоа е Новак, си помислив. Зошто да мислам поинаку? Го освои Пекинг и поверував дека повторно го гледаме стариот Новак. Сепак, по поразите од Јан-Ленард Штруф во Виена и Ринки Хиџиката во Париз, целосно го променив мислењето. За мене ова е потврда дека Ѓоковиќ повеќе не е кандидат за трофеј на ниту еден голем турнир. Готов е. Секако, никогаш не треба целосно да го отпишете, но почнувам да верувам дека нема да ја оствари својата цел“, порача поранешниот американски тенисер, алудирајќи на рекордната 25. Гренд слем титула.
Со ваквата проценка не се согласи неговиот колега од подкастот, Џон Изнер. Поранешниот осми тенисер во светот смета дека годините и физичката подготвеност се проблем за Ѓоковиќ кога станува збор за континуитетот, но дека на еден турнир сè уште може да биде исклучително опасен.
„Не мислам дека тоа е точно. Тешко е на тие години постојано да се игра на највисоко ниво. Телото не му дозволува ниту на Ѓоковиќ, кој има 39 години, постојано да биде на врвот. Но, на еден турнир сè е можно. За два месеца го очекува Австралија опен“, истакна Изнер.
И статистиката од 2026 година покажува дека сезоната на Ѓоковиќ не била на нивото на неговите најдобри години. Српскиот тенисер ја заврши со 20 победи и 10 порази, а за првпат од 2005 година не успеа да стигне до ниту едно четвртфинале на турнирите од серијата Мастерс 1000. Последниот голем трофеј на Ѓоковиќ останува златниот олимписки медал од Париз во 2024 година, додека последниот Грен-слем го освои на Ју-Ес опен во 2023 година. Од таа 2023, српскиот ас нема ниедна титула на Гренд слем или Мастерс 1000 турнирите.