Свирежите се вратија: Алварез пропушти голема можност навивачите да му простат!
Имено, Атлетико синоќа на стадионот „Ванда Метрополитано“ го пречека актуелниот шампион, но на крајот тимот на Ханси Флик славеше со 2-1, по целосен пресврт.
Според пишувањето на шпанските медиуми натпреварот бил идеална можност Алварез да стави крај на контроверзите кои го следеа во текот на целото лето и повторно да ја добие довербата на навивачите, со кои во неколку наврати имаше несогласувања.
Сепак, од помирувањето нема да има ништо.
„Алварез пропушти две стопроцентни шанси, по што повторно се слушнаа свирежи од трибините. Набрзо потоа имаше уште една добра можност, но обидот со лоб-удар заврши неуспешно. Простување повеќе немаше. Новото промашување предизвика бран незадоволство на „Метрополитано“, а негодувањето од трибините стана заглушувачко“, се наведува во текстот.
Од друга страна, тренерот Диего Симеоне и понатаму има целосна доверба во својот напаѓач и не сакаше да го замени. Во текот на целиот натпревар му даваше поддршка, аплаудираше на неговиот труд, а истото го повтори и на прес-конференцијата.
„Многу го сакаме и ни е потребен. Ни треба најдобрата верзија на Хулијан Алварез и ќе работиме со него за да го постигнеме тоа“, изјави Симеоне.