Хаос пред очите на Димитриевски: Тројца реаловци правеле зулуми на полувремето во Валенсија!

Победата на Реал Мадрид од 3-0 против Валенсија на Местаља остана во сенка на инцидентот што се случил на полувремето, кога тензиите меѓу фудбалерите на двата тима ескалирале во тунелот кон соблекувалните.

Натпреварот уште од самиот почеток беше исполнет со нервоза, остри дуели и реакции кон судијата, а атмосферата дополнително се вжешти по првиот гол на Федерико Валверде во 28. минута. Фудбалерите на Валенсија имаа забелешки за судењето и за ситуацијата што му претходеше на погодокот, па незадоволството продолжило и по завршувањето на првото полувреме.

Според информациите што ги објавија шпанските медиуми, во центарот на случувањата биле Антонио Ридигер, Џуд Белингам и Едер Милитао. Тројцата наводно им пришле на фудбалерите на Валенсија, по што дошло до жестока вербална расправија и меѓусебни провокации. Морало да реагира и обезбедувањето на стадионот, кое ги разделило играчите за ситуацијата да не прерасне во поголем инцидент.

Според очевидците, фудбалерите на Реал им се внеле во лицето на противниците, додека од таборот на Валенсија сè уште се обидувале да ги објаснат своите забелешки за судењето. Судијата не сакал да продолжи со расправијата и ги испратил домашните играчи во соблекувалната. Медиуми од Валенсија пишуваат дека во инцидентот имало туркања, удари со раце и навреди и само поради интервенцијата на обезбедувањето биле избегнати посериозни инциденти.

Наводно, сето тоа било снимено од лица од Ла Лига и предадено на надлежните, па се шпекулира дека Ридигер, Милитао и Белингам би можеле да добијат суспензија, исто како и најмалку двајца фудбалери на Валенсија.