Столе блескаше, ама Валенсија не можеше да го издржи налетот на Реал (ВИДЕО)
До убедливиот триумф, „кралевите“ стигнаа и покрај одличното издание на Столе Димитриевски кој забележа дури осум интервенции и беше единствен со преодна оценка во тимот на Валенсија. Сепак, ни тоа не беше доволно не само за поволен резултат, туку барем за подобар впечаток на „лилјаците“ на овој натпревар.
Првиот гол падна во 28. минута. Килијан Мбапе изнуди прекршок на работ од шеснаесетникот, а по неговиот удар од слободен удар топката се одби до Федерико Валверде, кој со силен и прецизен шут ја испрати зад грбот на македонскиот голман. Само осум минути подоцна, Реал ја удвои предноста. Џуд Белингам испрати топка во противничкиот шеснаесетник, по одбивањето до неа стигна Арда Ѓулер, кој без многу проблеми ја затресе мрежата на Димитриевски за 2-0.
Валенсија се обиде да се врати во натпреварот, но мадриѓаните имаа целосна контрола. Столе неколкупати спречи уште поубедлив пораз, особено во дуелите со Мбапе, кој во неколку наврати се најде во добра позиција, но македонскиот репрезентативец одлично реагираше. Сепак, во 75. минута и тој мораше повторно да ја вади топката од мрежата. Арда Ѓулер со извонредно додавање го проигра Мбапе, а францускиот напаѓач го заобиколи Димитриевски и ја заврши акцијата за конечни 3-0.
До крајот Валенсија остана и со играч помалку, откако капитенот Хозе Гаја доби црвен картон. Валенсија останува на претпоследната позиција на табелата со само девет бода по 12 одиграни натпревари, додека Реал се израмни со Барселона во пресрет на утрешното гостување на „каталонците“ кај Атлетико.