Ѕвезда на Брентфорд вреди 50 милиони евра, а се вози со - најевтино такси!
Иако изминатото лето пристигна од редовите на францускиот Ленс за клупски рекорд од 43 милиони евра, а неговата моментална вредност се проценува на 50 милиони евра, младиот фудбалер признава дека нема намера да ги менува старите навики кои му помогнале на самите почетоци од кариерата. Опишувајќи се себеси како многу едноставна личност, тој објасни дека не сака да си купи личен автомобил бидејќи патувањето со такси на толку кратка релација му е далеку поекономично решение.
„Секогаш одам со Убер на тренинг бидејќи не е далеку. Ми требаат пет до десет минути, па не купив автомобил. Така е поекономично. Само зашто станав професионален фудбалер не значи дека ќе ги променам моите навики. Знам од каде доаѓам и не сакам да си умислам дека сум нешто посебно“, изјави Сангаре во интервјуто за официјалните клупски медиуми на Брентфорд.
Покрај огромното внимание кое го привлекува со својот скромен начин на живот надвор од терените, Сангаре бележи одлични настапи и на зелениот тепих, каде експресно прерасна во голем миленик на домашните навивачи на стадионот „Гтек“. Својот неспорен квалитет тој го најави уште на самиот дебитантски настап против екипата на Тотенхем, кога ја освои престижната награда за играч на натпреварот. Од почетокот на тековната сезона, одличниот играч за врска има забележано вкупно 12 настапи во дресот на Брентфорд, на кои придонесе со две асистенции за својот тим.