Бизарна ситуација: Никој не сака да биде претседател на фудбалскиот сојуз на Србија!

Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) се соочува со сериозна административна криза, откако раководството денеска официјално потврди дека истекол рокот за поднесување кандидатури за претседател и за членови на Извршниот одбор без да пристигне ниту една единствена пријава.

Ваквиот епилог речиси сигурно ќе предизвика ново, четврто по ред одложување на Изборното собрание во последните шест месеци, чиј последен термин беше закажан за 14 ноември. Поради институционалниот вакуум кој се заканува да го блокира нормалното функционирање на Сојузот, стручните служби веќе стапија во директна комуникација со надлежните органи на УЕФА и ФИФА барајќи излез од ситуацијата, при што како најрадикален потег за расплет на кризата во наредните денови се споменува можноста европската куќа на фудбалот да формира принудна управа.

„Во рамките на изборниот процес во ФСС истече рокот предвиден за поднесување кандидатури за претседател и членови на Извршниот одбор. До истекот на наведениот рок не е поднесена ниту една кандидатура. Стручните служби на ФСС се во комуникација со надлежните служби на УЕФА и ФИФА заради обезбедување функционирање на Сојузот во согласност со важечката регулатива, до создавање услови за спроведување на изборниот процес на сите нивоа за новиот мандатен период“, стои во официјалното соопштение на ФСС.

Во спортската јавност во северното соседство се шпекулираше дека Никола Лазетиќ е меѓу главните кандидати за претседателската функција и најсериозен наследник на Драган Џајиќ, кој претходно беше избран на оваа позиција во март 2023 година. Сепак, недостатокот на официјални кандидатури остава голема неизвесност околу лидерската позиција. Српскиот фудбал сега влегува во период на исчекување на инструкциите од Нион и Цирих, надевајќи се дека ќе се најде привремено решение кое ќе спречи целосна блокада на фудбалските процеси на сите нивоа.