Ристовски: Го решивме проблемот што 12 години го кочеше македонското пливање
Решавањето на овој проблем е значаен чекор кон финансиска и организациска стабилизација на Федерацијата и создавање услови за понатамошен развој на македонското пливање.
На денешната прес-конференција, на која присуствуваа министерот за спорт, Борко Ристовски, и претседателот на Националната пливачка федерација, Сашо Лазаревски, официјално беше соопштено дека обврските се исполнети и проблемот е надминат.
„По речиси една и пол година од состанокот што го имавме во Министерството за спорт и кој за македонското пливање значеше тргнување од мртва точка, еве денеска имаме уште поконкретен резултат. Секој си ги исполни зацртаните задачи во рамките на своите ингеренции и тоа донесе резултат. Обврската на Министерството за спорт и на Владата беа да се обезбедат средства и да се одблокира сметката на Федерација што беше блокирана 12 години и ние тоа во целост го исполнивме. Обврската на Националната пливачка федерација и на претседателот Сашо Лазаревски беше да обезбедат непречено функционирање, сите клубови да бидат во една федерација, да нема поделби и проблеми како претходно. Пливањето ќе ја има нашата поддршка затоа што во федерацијата има луѓе кои се посветени и одговорни, искрено го сакаат спортот и сакаат да напредуваат и сигурен сум дека во иднина ќе имаме уште поголеми успеси во овој спорт“ – рече министерот Борко Ристовски.

Министерот за спорт истакна дека решавањето на долгогодишниот проблем е важен чекор кон враќање на стабилноста и создавање нови перспективи за македонското пливање. Во насока на долгорочно унапредување на пливањето, Министерството за спорт, во соработка со општините и раководството на НПФ, работи на создавање услови дел од базените што ги гради државата да бидат предадени на управување и користење на Федерацијата.
„Нашата обврска како Министерство за спорт е да ги отстрануваме пречките што го кочат спортот и да создаваме услови во кои спортистите ќе можат да напредуваат и да остваруваат резултати. Ова е важен чекор, но продолжуваме и со конкретни мерки за подобрување на спортската инфраструктура и условите за тренинг. Во таа насока е и новиот модел на стопанисување со спортските објекти што ги гради државата. Еден од новите базени веќе е предаден на управување на Националната пливачка федерација, а наскоро ќе биде завршена процедурата за уште два други, сѐ со цел спортистите да добијат подобри услови за работа, со овие спортски објекти правилно да се стопанисува и тие во целот да ја исполнат својата намена“ - посочи Ристовски.
Овој пристап има за цел да овозможи подобро искористување на спортската инфраструктура, поголема достапност на базените за пливачите, за Федерацијата и за клубовите и создавање подобри услови за развој на младите таленти.

Претседателот на Националната пливачка федерација, Сашо Лазаревски, изрази благодарност за поддршката и добрата соработка со Министерството за спорт и најави почеток на нова ера за македонското пливање.
„Со огромно задоволство сакам да соопштам дека заедно со Министерството за спорт успеавме да исполниме сите задачи што ги поставивме пред една и пол година и дека Националната пливачка федерација сега работи со одблокирана сметка,функционира одлично обединета и сите клубови заедно работат на тоа. Благодарност до министерот за спорт кој даде ветување и се заложи за нашата федерација, благодарност и до Владата која изнајде средства и начин да ни помогне и еве денеска ние започнуваме една нова ера“ – рече Лазаревски.
Со решавањето на проблемот со блокираната сметка и со активностите за подобрување на инфраструктурните услови, Министерството за спорт продолжува со поддршката на македонското пливање и со заложбите за негова стабилизација и враќање на патот кон нови спортски успеси.