Дортмунд ќе ги наградува навивачите кои нема да користат мобилен за време на средбите!

Германскиот фудбалски великан Борусија Дортмунд покрена иновативна иницијатива преку која сака да ги поттикне своите навивачи помалку да ги користат мобилните телефони за време на натпреварите, нудејќи им вредни клупски награди за возврат.

Раководството во официјалната апликација ја воведе опцијата „Навивачки режим“, која директно го следи бројот на отклучувања на екранот додека трае играта. Колку помалку навивачите ги користат своите уреди, толку повеќе бодови освојуваат, кои подоцна можат да ги заменат за дресови и картички за купување производи.

Новиот систем, кој е целосно доброволен, официјално ќе биде активиран в сабота на натпреварот против Ајнтрахт Франкфурт, при што паузата меѓу двете полувремиња нема да биде вклучена во мерењето. Главната цел е да се врати фокусот на натпреварот и да се подобри атмосферата на трибините, особено откако сè поголем број фанови почнаа јавно да негодуваат поради прекумерното фотографирање, преносите во живо и константното користење на социјалните мрежи за време на средбите. Слична проблематика во моментов разгледуваат и други германски клубови, па така Херта Берлин веќе најави забрана за комерцијално користење на видеоматеријали од натпреварите, додека Динамо Дрезден презема чекори за заштита на телевизиските права и овозможување на непречено следење на фудбалот.

Клупската иницијатива доби целосна поддршка и од тренерот на Борусија Дортмунд, Нико Ковач, кој истакна дека намалувањето на времето поминато пред екраните би било исклучително корисно за сите присутни на стадионот. Стратегот повлече паралела со интерните правила кои веќе ги применува во екипата, нагласувајќи ја важноста на концентрацијата пред и за време на важните спортски настани.

„Веќе го забранив користењето на мобилните телефони за време на заедничкиот оброк пред натпреварите, но немам проблем со тоа играчите да ги користат во соблекувалната или во автобусот. Тие се доволно возрасни за да знаат што им е потребно за да се подготват за натпревар. Мислам дека сите би можеле одвреме-навреме помалку да гледаме во мобилните телефони, бидејќи така би можеле да се концентрираме на други работи“, изјави Ковач.