Лапорта за Реал и Мбапе: Не можеш да имаш два петли во еден кокошарник!

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, даде интересно интервју за „Л’Екип“ во пресрет на првото овосезонско Ел Класико.

Тој особено се осврна на обидите на Реал пред Ел Класико повторно да ги пласира во јавноста приказните за случајот Негреира.

„Со тоа сакаат да го одвлечат вниманието, нема ништо во тоа. Реал повеќе нема никакво влијание во институциите. Мислам дека го избраа погрешниот пат и дека сега ја плаќаат цената за тоа. Едноставно, повеќе не постои никаква врска. Всушност, можам да кажам дека сме противници во вистинска смисла на зборот.“, изјави Лапорта.

Претседателот на Барселона зборуваше и за ситуацијата околу Килијан Мбапе и честите медиумски написи дека работите во Реал Мадрид не се баш идеални.

„Тоа го кажав и претходно. Не можеш да имаш два петли во ист кокошарник, тоа никогаш не функционира. Во фудбалот приоритет се колективот и тимскиот дух. Ако го немате тоа, проектот е осуден на пропаст. Потрошија огромни суми пари за да донесат многу играчи за големи пари, но не ги постигнаа очекуваните резултати. Силата на Барселона лежи во големиот талент, играчите од Ла Масија и оние од различни фудбалски култури, кои успешно се вклопени во тим што функционира благодарение на вистинската хармонија“, порача првиот човек на каталонскиот гигант.

„Ел Класико“ на програмата е во викендот кој следи и тоа в недела на 25 октомври.