Шампионот МЗТ остана максимален и по три кола откако денеска во дербито на колото со резултат 70-66 на свој терен му го нанесе на ТФТ вториот сезонски пораз.

Домашниот состав до победата дојде без поголеми проблеми и имаше предност од почетокот до крајот на натпреварт, Гостите не беа во негатива само во стартните минути при 2-2. Во продолжение МЗТ многу брзо дојде до двоцифрена разлика (16-6), а до крајот на првиот период таа предност изнесуваше и 15 поени (25-10).

Подобрата игра на „штрковите“ продолжи и во втората четвртина каде што домаќините сигурно ја одржуваа високата предност, а ТФТ во ниту еден момент не успеа да се доближи. На одмор се замина со резултат 41-28.

Слично беше и во најголемиот дел од второто полувреме, но гостинскиот состав сериозно се закани во последните моменти. За првпат по подолго време ТФТ во последната минута од средбата дојде на само три поени негатива, меѓутоа МЗТ на крајот сепак успеа да ја задржи предноста и да слави победа.

Најефикасен кај победниците беше Димитрије Николиќ со 15 поени, додека на спротивната страна Секоу Сила дојде до дабл-дабл од 19 поени и 13 скокови.

За ТФТ ова е втор пораз по првиот на стартот од сезоната против Пелистер, додека на победа се израдуваа против Скопје во минатото коло. МЗТ пак во воведните две кола славеше над Куманово и Кожуф.

Можност да остане со максимален учинок по ова коло, освен МЗТ има и Работнички кој за два дена го игра дуелот со Пелистер на гости во Битола.